Имунизација

Голем интерес за вакцинација против сезонски грип

09.11.2025 14:16

Дека вакцината од грип делува доказ е 86-годишната Љубица Петкоска од Охрид, која веќе 15 години редовно се вакцинира против сезонски грип. Оваа сезона во ЦЈЗ Охрид има рекорден број пријавени за вакцинација …

Осумдесет и шестгодишната Љубица Петкоска од Охрид, повеќе од 15 години редовно се вакцинира против сезонски грип. Не памети од кога не била болна, со години немала симптоми на грип и настинки. Вели вакцината и помага и ја штити, но за здрав и долг живот е важна и рекреација, редовни вежби и движење.

„Секоја година се вакцинирам. Кај мене има ефект, кај други не знам. Грипот некако слабо, не доаѓа. 86 години имам, секоја година ја примам“, вели баба Љубица Петкоска.

„Едно седум, осум години сигурно се вакцинирам … Од грип не сум се разболела“, вели една охриѓанка.

Оваа сезона во ЦЈЗ Охрид има рекорден број на пријавени за вакцината против сезонски грип.

„До денес вакцинирани се 2.900 лица, што за разлика од лани имаме зголемен број на заинтересирани. Очекувам во наредниот период да имаме многу помал број на лица коишто треба да бидат вакцинирани. Интересот е многу голем и тоа најмногу кај лица коишто се над 65 години и лица со хронични заболувања. Со оглед на тоа што веќе во нашиот град има сè постара популација и лица со хронични заболувања и очекувано е толку голем број на заинтересираност“, вели Јованка Стурлакова Коровешоска, епидемиолог.

Засега во ЦЈЗ нема ниеден регистриран случај на грип, пикот се очекува крајот на јануари и почетокот на февруари. Периодов преовладува корона вирусот, најчести симптоми се инфекција на горно-респираторни патишта, болка во грло и покачена температура.

Соња Рилковска