Царинската управа заплени злато, 37.500 евра, „Ејпл“ уреди, цигари и парфеми
При контрола на багаж на турски државјанин на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје биле пронајдени златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама. Вкупната вредност на запленетото злато се проценува на 538 илјади денари.

Царинската управа информира дека царинските службеници и мобилните тимови во изминатиот период заплениле златни плочки и монети, „Ејпл“ уреди, непријавени девизни средства во износ од 37.500 евра, како и цигари, парфеми и детска облека со ознаки на заштитени трговски марки.
При контрола на багаж на турски државјанин на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје биле пронајдени златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама. Вкупната вредност на запленетото злато се проценува на 538 илјади денари.
Во друг случај, при контрола на багаж на македонски државјанин кој пристигнал од Лондон, биле пронајдени два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Ејпл“.
Мобилните царински тимови, во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце, заплениле вкупно 37.500 евра.
Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин биле пронајдени непријавени 24 илјади евра, од кои 14 илјади се привремено задржани, а 10 илјади му биле вратени согласно законот.
Во вториот случај, при контрола на возило со македонски регистарски таблички на излез од државата на преминот Блаце, биле откриени 25.500 евра. Од нив, 23.500 евра се привремено задржани, а патникот добил назад 2 илјади евра – износ што резидент може слободно да го изнесе.
На граничниот премин Ново Село, царинските службеници заплениле 96 кутии цигари без акцизни маркички и 34 ремени за прицврстување товар, откриени во два одвоени случаи.
Царинската управа најави дека ќе продолжи со засилени контроли на граничните премини и аеродромите со цел спречување на шверцот и нелегалната трговија.
