Мобилна апликација и нов дизајн на системот за е-набавки
Корисничкиот интерфејс е надграден со дополнителни визуелни елементи што овозможуваат брз и директен пристап до најчесто користените акции што ги преземаат корисниците...

Електронскиот систем за јавни набавки (e-nabavki.gov.mk) доби нови дизајн на главната страна од апликацијата која е прилагодена за приказ на десктоп, таблет и мобилни уреди, соопштуваат од Бирото за јавни набавки.
Целта на новиот дизајн е на прегледен начин да се презентираат информациите и да се оптимизира ЕСЈН за мобилни корисници кои секојдневно ги користат предностите на паметните телефони и таблети. Со мобилната верзија на ЕСЈН, корисниците ќе можат да учествуваат на е-аукции директно од своите телефони и таблети од сите брендови.
Новиот дизајн е уникатен, близок до корисникот и овозможува поедноставно користење на системот, поголема прегледност и лесна навигација. Корисникот има целосна контрола над сите функционалности кои се подобрени со цел да се овозможи безусловно завршување на секоја корисничка акција.
Корисничкиот интерфејс е надграден со дополнителни визуелни елементи што овозможуваат брз и директен пристап до најчесто користените акции што ги преземаат корисниците. Комбинацијата на бои овозможува визуелна прегледност и дистинкција на елементите со што целиот дизајн добива една подинамична природа.
Со напредокот на технологијата ЕСЈН како модерен и современ електронски систем постојано се надградува и унапредува со цел да се олесни пристапот на корисниците на системот и да се овозможи поефикасно спроведување на постапките за доделување на договор за јавни набавки.
