САД

САД ги намалуваат домашните летов - стотици летови откажани

07.11.2025 12:11

Америка во колапс. Стотици летови откажани низ земјата како превентивна мерка на властите во зачувување на безбедноста во воздушниот сообраќај по продолжената блокада на владата која ги стави под притисок контролорите на летање кои работат без плата. Владата на САД е под официјална блокада од 1-ви октомври...

Америка во колапс. Стотици летови откажани низ земјата како превентивна мерка на властите во зачувување на безбедноста во воздушниот сообраќај по продолжената блокада на владата која ги стави под притисок контролорите на летање кои работат без плата.

„Контролорите мора да бидат фокусирани да ја обезбедат безбедноста на патувањата. Секој ден од ова одолговлекување носи нови проблеми. Ако не ги плаќате, ќе има проблеми и во иднина“, истакна Ник Даниелс, претседател на Националното здружение на контролори на летање.

Аеродромите во Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго се меѓу погодените. Патниците нервозни и во исчекување.

„Денес стигнав два часа пред летот. Нервозен сум. Не знам како ќе оди со откажувањата. Не знам зошто не можат да постигнат договор, мора нешто да смислат“, вели Курт Шпиринг, патник од Денвер.

„Мислам дека дел од тоа е заради безбедноста, но другиот дел е обид да се изврши притисок врз Конгресот за да се донесе одлука за одблокирање на владата“, рече Кристина Миникус, патничка.

Градоначалникот на Чикаго, ја осуди ситуацијата обвинувајќи го Трамп за неа, нарекувајќи ги неговите тактики „ужасни“.

„Нашиот аеродром е буквално глобален епицентар на патувања, меѓународна врска број еден. Ова е за осуда, еве до што доведоа ужасните тактики и однесувањето на овој претседател“, изјави градоначалник на Чикаго, Брендон Џонсон.

По 14 неуспешни гласања, републиканците во Сенатот најавија нов двопартиски пакет закони за финансирање со цел да ја прекинат блокадата на федералната влада. Но, демократите веќе најавија дека ќе го блокираат денешното гласање сè додека преговорите се одбиваат.

„Ќе имаме гласање за пакет-закони за распределба на средства. Тоа ќе биде привремен закон за финансирање за повторно отворање на владата до дебатата за која очигледно се работи“, изјави републиканскиот сенатор, Џон Кенеди.

„Во моментот кога ќе имаме преговори, ќе можеме да го решиме ова за десет минути. Она што го бараме не е неразумно“, посочи сенаторот од демократите, Крис Марфи.

Владата на САД е под официјална блокада од 1-ви октомври, откако демократите го одбија планот на републиканците за државното финансирање. Главна причина за застојот е несогласувањето околу законот за здравствена заштита.

Бојана Крстевски