Култура

Завршува конзервацијата на гледалиштето на театарот во Стоби

09.11.2025 11:35

Со враќањето на мермерните плочи во гледалиштето од театарот во локалитетот Стоби, заврши годинашнава негова конзервација. Со ова можно е веќе од следната година Фестивалот на античка драма „Стоби“ да се врати каде што пред 22 години започна како манифестација…

Деновиве се извршуваат завршните активности, последната фаза од годинашната конзервација на мермерните елементи од гледалиштето во театарот, во археолошкиот локалитет Стоби. Дваесетината мермерни плочи се враќаат, откако се изврши санација на местото каде беа лоцирани. Вратените мермерни седишта се оригиналните од времето кога театарот бил изграден, во 2 век а постоел до 4-тиот. Со ова се отвора можноста веќе од следната година Фестивалот на античка драма Стоби да се врати во локалитетот Стоби, каде пред 22 години започна како манифестација.

Денес комплетно недостасува горната половина од гледалиштето, единствено се забележуваат потпорните ѕидови. Капацитетот на театарот бил околу 7.600 гледачи, каде имало и крвави борби на гладијатори. Hа седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња од реномираните граѓани на Стоби, кои секогаш имале резервирани места.

Постојните мермерни седишта биле изработени од мермер од Прилеп, каде имало ископ од самата антика и бил препознаен како добар, па поради близината служел за градба на театарот во Стоби.

Петар Печков