Здравство

Кумановската болницата остана без анестезиолог, недостасува и средно медицински персонал

08.11.2025 13:51

Кумановската болница остана без анестезиолог, откако последните две заминаа во пензија. Во моментов во установата која опслужува над 200.000 жители од североистокот, доаѓаат на дежурства лекари од другите градови. Од установата апелираат надлежните да изнајдат итно решение. Во болницата недостига и средно медицински персонал. Состојбата е загрижувачка...

Кумановската болница која опслужува околу 200.000 жители од североистокот, остана без анестезиолог. Последните две заминуваат во пензија. Проблемот се решава со дежурства на лекари, од установите од останатите градови и Скопје.

Но доаѓаат оние анестезиолози, кои ќе изразат желба. Дополнително лекар во пензија, се вратил во установата. Надлежните бараат итно, долгорочно решение. До министерството пратиле дваесетина дописи. Неопходно е велат вработување на деветмина општи лекари, кои ќе специјализираат анестезија.

„Ова е проблем што се провлекува од пред 10-15 години, каде што пак ќе напомнам тука болницата било желботека. Кој што сака, заминувал да специјализира, не се гледало на тоа што всушност е потребата на болницата, од друга страна ако државата плаќа, финансира специјализација, ќе ја финансира она што е потребно за државата и на јавните здравствена установа“, нагласи директорот на кумановската болница.

Болницата во јуни вработи 24 специјализанти. Очекуваат уште 20-ина нови вработување, и доекипирање на одделите психијатрија, инфектологија, педијатрија. Но, сериозна е и состојбата со недостаток на средно медицинскиот персонал.

„Бараме вработување на најмалку 100 нови вработувања од среден персонал, болничари, медицински сестри, техничари, хигиеничари, општи работници, возачи. Како да ви кажам имаме четири возила, а двајца шофери во смена“, дополни директорот Стошевски.

За четири години од установата во пензија заминале 160 лица, среден медицински персонал, а ниту едно не било вработено.

Елена Георгиевска