Хрватска според моделот на Македонија ќе отпишува долгови

02.09.2014 12:07

Според проценките, ќе бидат опфатени 140 илјади граѓани, а вкупно ќе бидат отпишани околу 500 милиони куни. Последните информации од Црна Гора говорат дека и оваа земја сериозно размислува да го преслика од нас целиот концепт...

Хрватска го копира македонскиот модел за отпис на долговите. Министрите за социјална политика и за Финансии, седнаа на заедничка маса со хрватските банки и мобилните оператори. Побараа да им ги простат долговите на најсиромашните кои не ги платиле во период од една година и се под закана за присилна наплата.

Според проценките, ќе бидат опфатени 140 илјади граѓани, а вкупно ќе бидат отпишани околу 500 милиони куни. Последните информации од Црна Гора говорат дека и оваа земја сериозно размислува да го преслика од нас целиот концепт.

Македонскиот отпис тече без никакви проблеми. Барањата  почнаа да се поднесуваат од 18-ти август. Од центрите за социјална работа информираат дека се поднесуваат и по 3.000 апликации дневно. Со проектот се опфатени приматели на социјална и на постојана парична помош, невработени кои повеќе од една година активно бараат работа и лицата изложени на социјален ризик, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години.

Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, радиодифузна такса, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата.