Скопје

Јавни претпријатија под лупа за криминал

07.11.2025 16:08

Ден откако стапи на функцијата, скопскиот градоначалник, Ѓорѓиевски, излезе со фрапантни тврдења. Вработени во јавни претпријатија со години не оделе на работа, а земале плата. Се склучувале и договори со надворешни соработници за собирање на смет за што се испумпувале илјадници евра. Од Обвинителството со став – МВР и финансиската полиција се надлежни за откривање на кривични дела …

Не оделе на работа, а си допишувале празнични и прекувремени саати, па земале плата повисока од оние што чесно работеле. Скопскиот градоначалник, Ѓорѓиевски, излезе со овие тврдења ден по преземањето на функцијата и посочи дека најголеми злоупотреби се случувале во претпријатијата – Паркови и зеленило и скопски Комуналец. Дури 170 откази од вкупно 371 колку што им се врачени на неработниците, биле од овие две институции. Пари се испумпувале кај надворешни соработници кои не ја завршувале работата, а користеле јавни ресурси.

Ѓорѓиевски ги повика институциите да го истражат случајот. Од обвинителството децидни: по допрен глас може да се постапи ако претходно МВР и финансиската полиција не преземат ништо.

„Надлежни институции за откривање на кривични дела се МВР, Управата за финансиска полиција, инспекторатите. До Обвинителството до овој момент не е доставена ниту пријава, ниту известување. Согласно член 273 од ЗКП сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се известени или за нив дознале на друг начин“, велат од ОЈО.

Од МВР и од Финансиската полиција за сега не откриваат дали преземаат предистражни дејствија. Официјално е дека се води истрага за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми и за уште еден вработен, осомничени за хаосот со несобраното ѓубре од пред неколку недели.

Анита Димитријевска – Велковска