Обвинителство

Побаран притвор за пет лица за поткуп, меѓу кои директорот на Платежната агенција и вработени во УЈП и МЗШВ

07.11.2025 16:31

Побаран притвор за пет лица за поткуп, меѓу кои директорот на Платежната агенција и вработени во УЈП и МЗШВ. Јавниот обвинител донесе наредба за истражна постапка против осомничените …

Основното јавно обвинителство бара притвор за петтемина од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството кои се сомничат за давање поткуп и награда за противзаконито влијание. Јавниот обвинител донесе наредба за истражна постапка против осомничените.

„Правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр. 01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50 000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени“, соопштија од ОЈО.

Извршени се претреси на повеќе локации под сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа, при што се пронајдени парични средства во значителна вредност.

„Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ“, вели портаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Од СДСМ со низа обвинувања, бараат одговорност.

„Кога директор на државна институција, Илија Стоилев, кадар на ДПМНЕ е фатен со обележани банкноти за мито јасно е дека корупцијата во земјоделието цвета. Година и пол се зборува дека се бараат провизии, дека се задржуваат предмети, дека службеници трпат притисоци. Сега тоа доби потврда со раце фатени во криминал Очигледно станува збор за систем на рекетирање во институција што треба да биде мотор на развојот“, велат од партијата.

Ресорниот министер Цветан Трипуновски со поддршка на институциите да го истражат случајот докрај и да се санкционираат оние кои го прекршиле законот.

„Законот за сите е ист. Нема да толерираме неправилности и сите одговорни кои го прекршиле законот ќе одговараат пред лицето на правдата. Истрагата е во тек и ги охрабрувам надлежните органи да го истражат случајот до крај“, порача Трипуновски.

Премиерот со апел да се пријават сите коруптивни дејства, а надлежните ветува дека ќе најдат начин да ги докажат и санкционираат.

Корупцијата е рак-рана на општеството години наназад, тоа го нотираат и извештаите на ЕК, а за владата како што велат нејзиното искоренување е еден од главните приоритети.

Александра Велинова