хигиена

Генералката во Скопје продолжува, механизацијата во полн капацитет

07.11.2025 17:00

Речиси 400 отпуштени во градските претпријатија во Скопје, со години земале плата а не доаѓале на работа. Ќе има комплетна ревизија а нови кадри нема да се примаат – вели новиот градоначалник Ѓорѓиевски. Генералката во Скопје продолжува, механизацијата во полн капацитет, граѓаните очекуваат метрополата да го добие некогашниот сјај...

Откако градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски ја презема функцијата веднаш се фати за работа. Како што вети во предизборната кампања дека за 72 часа метрополата ќе биде исчистена така и започна. Вчера вечерта над 100-тина камиони се фатија за работа односно почнаа да ги чистат улиците во главниот град.

Метлата игра во главниот град. Метрополата иако не е сосема исчистена од комуналниот отпад, градоначалникот на Скопје уверува – до недела Скопје ќе блесне во полниот сјај, а навремено ќе се празнат корпите за отпадоци. Мобилизирани сите служби, екипата на Македонската телевизија направи обиколка.

Освен населбите, се чисти и Вардариште. Граѓаните со кои разговаравме велат сменета е сликата со отпадот во главниот град.

Од понеделник, 55 приватни автобуси ќе бидат низ скопските улици, до нова година во оптег уште 20.

ВМРО – ДПМНЕ го блокираше собирањето на сметот за новиот Ѓорѓиевски да си направи маркетинг кампања, реагира опозициската СДСМ.

„Синоќа скопјани видоа зошто било оставено ѓубрето, зошто ништо не се преземало со месеци, само за Орце Ѓорѓиевски да прави пиар – трикови, циркус-спектакли со дронови и камери. Ова е срамен однос и потценување на сопствените граѓани“, се вели во партиското соопштение.

Премиерот Мицкоски возврати, нечистењето на Скопје, беше политичка стратегија на опозицијата тоа и наштети и на Владата и на државата.

Во текот на следните денови, ќе се прави ревизија на работењето на сите градски претпријатија во Скопје . Бројот на вработени кои се отпуштени достигна речиси 400. Градоначалникот Ѓоргиевски тврди не оделе на работа, а земала плата.

 

Ана Јосифоска