Во Вашингтон средба Трамп - Орбан
Во Вашингтон американскиот претседател на средба со унгарскиот премиер. Во фокусот на разговорите – зависноста на Унгарија од руската нафта и можните исклучоци од санкциите, откако Трамп ги повика европските држави да ги прекинат енергетските врски со Москва, но Будимпешта досега го задржа своето снабдување од Русија...

Во Вашингтон американскиот претседател на средба со унгарскиот премиер. Во фокусот на разговорите – зависноста на Унгарија од руската нафта и можните исклучоци од санкциите, откако Трамп ги повика европските држави да ги прекинат енергетските врски со Москва, но Будимпешта досега го задржа своето снабдување од Русија.
„Нашите политички односи се на највисоко ниво. Двете влади се во целосна хармонија по прашањето за мир или војна, по прашањето за миграцијата и по прашањето за заштита на семејните вредности. Сега тоа е пријателски однос. Но, секако, американскиот претседател ги претставува интересите на американскиот народ, а јас ги претставувам интересите на Унгарците“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
Пред средбата, Орбан повтори дека Унгарија нема да испраќа оружје, војници или финансиска помош во Украина и земјата ќе ја задржи својата позиција за неутралност. Меѓу другото, ќе се дискутира и за потенцијалниот самит меѓу рускиот и американскиот претседател во Будимпешта кој беше закажан па откажан.
„Веруваме дека во одредена фаза самитот несомнено ќе биде баран и добредојден од двете страни. Но, на таков самит мора да му претходи многу интензивна и педантна работа на експертско ниво. И по ова прашање, нашите американски колеги целосно се согласуваат со нас“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, ЕУ најави построги правила за издавање визи за руските државјани
„Отсега, руските државјани повеќе нема да добиваат визи за повеќекратен влез. Ова значи дека руските државјани ќе мора да аплицираат за нова виза секој пат кога планираат да патуваат во ЕУ, овозможувајќи внимателно и често испитување на апликантите за да се ублажат сите потенцијални безбедносни ризици“, изјави Маркус Ламерт, портпарол, Европска комисија.
Истовремено, Русија продолжува со напади низ Украина, Киев возвраќа. Жестоки борби и во стратешки важниот Покровск. Зеленски најави зголемување на поддршката за фронтот и ги повика земјите да се приклучат кон санкциите за Русија.
Маријана Димовска
