Македонија

Продолжува генералката во Скопје

08.11.2025 14:44

Продолжува генералката во Скопје. Со багери се чисти и реката Вардар. Предизборното ветување за чист град за 72 часа не е маркетинг, туку обврска, вели новиот градоначалник на Скопје, Ѓорѓиевски …

Екипите на „Комунална хигиена“ чистат на места во градот каде што сè уште не поминале. Над стотина камиони на терен. Така ќе биде сè додека Скопје не стане целосно исчистено. Работниците од „Комуналец“ продолжуваат да собираат отпад од корпите, контејнерите и околу нив. Граѓаните главно задоволни, но велат дека сè уште на одредени места има смет.

Се чистат и парковите и тротоарите околу скопските улици. Градот заличува на метропола, велат граѓаните со надеж дека оваа акција за чистење на градот за 72 часа, нема да запре и во иднина.

Сметот редовно ќе се собира навечер како во претходните години, па граѓаните ќе знаат кога да го изнесуваат отпадот во контејнерите. Се чисти и Градскиот парк како најголемиот зелен појас во градот и место за прошетка на жителите.

Почна операција и за чистење на брегот и дното на реката Вардар во центарот на Скопје. Главниот град и пред рокот од 72-часа што го даде новиот скопски градоначалник ќе биде целосно исчистен, велат надлежните.

На скопјани, пак, останува колку тој ќе остане чист доколку совесно се однесуваат и не фрлаат смет на несоодветно место.

Ирина Гелевска