Средба Трамп-Орбан

Унгарија ќе продолжи да купува руска нафта и гас

08.11.2025 14:17

Трамп ѝ одобри на Унгарија едногодишно ослободување од енергетските санкции против Русија. Ова било договорено на средбата во Белата куќа со премиерот Орбан. Американскиот претседател не се откажува од средба со неговиот руски колега Путин. Будимпешта се споменува како место на евентуалниот состанок…

САД ѝ дадоа едногодишен исклучок на Унгарија од санкциите за користење руска нафта и гас. Одлуката следува по состанокот Трамп – Орбан во Вашингтон. Шефот на Белата куќа покажа разбирање за позицијата на Будимпешта, велејќи дека за Унгарија е многу потешко да се снабдува од други извори, бидејќи нема пристаништа и излез на море.

„Заклучивме дека Унгарија е во значително поинаква ситуација од другите европски земји. Побаравме два цевковода да бидат ослободени од сите санкции. Едниот што носи гас од југ, а другиот од исток. Претседателот одлучи, и рече дека санкциите нема да се применуваат на овие два цевководи. Исто така, се согласивме за прашањата за нуклеарна соработка. Американците никогаш не биле вклучени во унгарската нуклеарна енергетска индустрија. Сега и ова се случува“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Администрацијата на САД изминатиот месец воведе санкции против руските енергетски гиганти во рамките на новиот пакет мерки за Украина, предупредувајќи дека и земјите кои ќе продолжат да купуваат руски енергенси може да се соочат со последици.

„Унгарија е голема земја но нема море, нема пристаништа. Но кога ќе видиме колку земји од Европа го немаат тој проблем а купуваат нафта и гас од Русија и тоа многу ме вознемирува, бидејќи им помагаме“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.

Темата за војната во Европа исто така беше на агендата на состанокот. Трамп, очекува конфликтот да заврши. На прашањето дали Украина може да победи, пак, Орбан рече оти е можно да се случат чуда. Украинскиот претседател вели дека ги разбира напорите за средба Трамп – Путин, но ќе поддржат само формат на состанок кој би донел прекин на војната.

„Орбан сака да го донесе Трамп во Унгарија на средба со Путин. Го знаете нашиот став. Ако има средба, каде и да е, што сигурно ќе донесе прекин на огнот и крај на војната, Украина ќе ги поддржи тие формати“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На фронтот и натаму жестоки борби. Русија напаѓа, Украина возвраќа. Сирени за воздушна опасност на југ, исток и на североисток. На удар енергетската инфраструктура, регистрирани прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во Киев, цивилните и воените власти објавија дека ракетните остатоци предизвикале пожари на две локации.

Маријана Димовска