Во пораст респираторните болести во охридскиот регион
Во пораст респираторните заболувања кај децата и младите во охридско струшкиот регион. Последниве години овие болести се доминантни, на прво место кај младината. Експертите велат потребни се итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

Во пораст респираторните болести во охридско струшкиот регион. Најпогодени се децата до шест години. Лани, болестите на респираторниот систем учествувале со стапка од 1.191 на 1.000 мали деца. Според анализата на ЦЈЗ, поразително е и тоа што во возрасната категорија, основци средношколци и студенти, последниве години ова е доминантно заболување, но со малку пониска стапка.
„Како најчести дијагнози од оваа група на заболување се јавуваат дијагнозите како во воспаление на горните респираторни патишта, акутен ларингит, акутен тонзелит, значи тоа е всушност, воспалување на грлото и на крајниците“, вели д-р Даниела Чингоска специјалист по социјална медицина и јавно здравје.
Главните причини за порастот на респираторните болести е загадувањето на животната средина. Лекарите велат итно се потребни широкоопфатни системски мерки за заштита.
„Мерки интервенции коишто би требало, коишто би можеле да ги преземеме на општествено ниво, би вклучувале имплементирање односно регулативи за подобрување на животната средина. Тука не можеме да ги затвориме очите пред сите тие загадувачи на животната средина. Главните загадувачи ни се депониите, коишто ни се еден голем општествен предизвик на којшто, навистина, треба да им се посвети внимание бидејќи сите го дишеме истиот воздух“, додава д-р Чингоска.
Со стартот на грејната сезона мерните станици на брегот на Охридското Езеро повторно го вклучија алармот. Присуството на штетните ПМ 10 честички во воздухот е повеќекратно над дозволените граници особено во ноќните часови.
Соња Рилковска
