Реакции по коруптивниот скандал во Платежната агенција
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за случајот „Платежна агенција“. Од СДСМ велат во ризик е европската поддршка за земјоделците. Министерот Трипуновски уверува – нема опасност по ИПАРД средствата. Се оградува, не го назначил директорот…

Министерот за земјоделство нема да поднесе оставка за корупцискиот скандал во Платежната агенција, велејќи дека таа е посебна институција, којашто има посебен менаџмент и управувачко тело, коешто работи согласно нивниот план. Трипуновски тврди дека нема опасност по средствата од ИПАРД програмата. За него спроведената акција е доказ дека корупцијата нема да се толерира и оти владата работи неселективно.
128 милиони евра кои им се на располагање на земјоделците преку ИПАРД програмата се во ризик, вели поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски. Тврди дека изминатата година алармирал дека во Агенцијата се случуваат злоупотреби.
Надлежните институции да го истражат случајот, нема да се толерираат неправилности, а одговорност мора да има, реагираат и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на Платежната агенција и уште четири лица добија 30 дневен притвор. Тој е обвинет дека примил поткуп од 400 евра, а вкупно требал да добие 50.000. Меѓу осомничените е и државен службеник во Министерството за земјоделство, како и вработен даночен референт во УЈП.
Викторија Милевска
