Супертајфун „Фунг-вонг“

На Филипини евакуирани речиси милион жители и туристи

09.11.2025 13:51

Филипини се подготвува за супертајфунот „Фунг-вонг“. Речиси милион жители и туристи евакуирани. Се очекува ветер од над 200 километри на час …

Филипини на удар на силниот тајфун „Фунг-вонг“. Властите евакуираа речиси милион жители и туристи. Според Филипинската метеоролошка агенција, тајфунот носи ветер од над 200 километри на час и изобилни врнежи од дожд во неколку области. Неколку локални самоуправи ја откажаа наставата за утре, а националниот авиопревозник откажа дел од летовите пред очекуваниот удар на тајфунот врз копното.

„Врз основа на најновата сателитска снимка тајфунот Фунг-вонг стана супертајфун кој сега го погодува западниот дел од Филипините и се движи кон источниот дел од копнената маса“, вели Мунир Балдомеро, специјалист за временска прогноза.

„Фунг-вонг“, познат локално како „Уван“, доаѓа само неколку дена откако претходниот тајфун „Калмаеги“ остави зад себе пустош и речиси 200 смртни случаи. Филипините речиси секоја година се погодени од околу 20 тропски циклони.

„Ги предупредив нашите локални раководители дека доаѓа уште еден тајфун. Сите треба да преземат мерки на претпазливост бидејќи може да ја смени насоката“, изјави Фердинанд Маркос помладиот, претседател на Филипини.

Во извештајот на Обединетите Нации за климата, објавен за време на „КOP30“ во Бразил, се забележува дека алармантниот бран на зголемување на температурите продолжува, а зголемен е ризикот од поплави, суши и екстремни временски услови.

„Алармантната низа на исклучителни температури продолжила и оваа година, а 2025 година се очекува да биде втора или трета најтопла година во историјата. Извештајот, исто така, открива дека изминатите 11 години, од 2015 до 2025 година, се очекува да бидат најтоплите во историјата, при што секоја година ги надминува претходните температурни максимуми“, вели Фархан Хак, портпарол на ООН.

Научниците велат дека ако Земјата продолжи да се загрева, на долг рок тоа ќе значи зголемен број на смртни случаи, уништување на природата, губење на видови и зголемување на нивото на морето.

Маријана Димовска