Генералка во Скопје

Собрани над 4.500 тони отпад, Ѓорѓиевски задоволен од досега постигнатото

09.11.2025 15:01

Од генералката во Скопје собрани над 4.500 тони отпад. Раскинати над 400 договори со работници кои зеле плата, а не доаѓале на работа. Рокот од 72 часа за чистење кој новиот градоначалник сам си го постави, истекува вечерва…

Празни контејнери на булеварите и пред домаќинствата. Багери кои го чистат коритото на реката Вардар, сечење на жалните врби. Ова е слика на третиот ден од акцијата за чистка на Скопје. Метлата заигра и во тесните сокаци на чаршијата. Ги нема повеќе депониите кои беа честа слика во главниот град. Градоначалникот Ѓорѓиевски задоволен од досега постигнатото. Вели, собрани се над 4.500 тони смет, а комуналните инспектори изрекле и казни на несовесни граѓани и на правни лица. Градскиот татко вели – ова е само почеток.

Граѓаните љубопитно гледаа како се чисти Вардар и кејот во центарот на градот. Дел од нив се задоволни и сметаат дека сликата метрополата е сменета, но дел со став дека не требало Скопје да се остави да биде преполно со отпад.

Скопје е домаќин на петтиот Социо-еколошки форум, каде експерти од Европа дискутираат за обезбедување на праведен јавен простор, грижа за зеленилото, урбаната опрема, јавниот градски превоз.

Бројката на лица кои се отстранети од работа, бидејќи зеле плата, а не одговориле на обврските, надмина 400. Ѓорѓиевски најави дека ќе гради нов систем и нема да се толерира нефункционалното работење.

Акцијата за чистење на Скопје за 72 часа која почна во четвртокот беше едно од најголемите ветувања на Ѓорѓиевски во изборната кампања.

Викторија Милевска