Груевски: Заев го преформулира своето обвинување за да се спаси
Премиерот Груевски изјави дека обвинувањата за сторен криминал при продажбата на Македонска Банка ги смета за клевети од најлош вид кои имаат за цел преку интензивна и обемна медиумска кампања за изнесување невистини, целосно да го уништат неговиот углед...
Премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска се појавија во Основниот суд Скопје 2 на продолжението на процесот по приватната тужба на Груевски против Заев.
Чекајќи пред влезот на судницата, тие се поздравија, a потоа пред судскиот совет ги дадоа исказите. Груевски наведе дека со клеветата му е нанесена тешка душевна болка и дека му е нарушен неговиот и угледот на семејството.
Премиерот Груевски изјави дека обвинувањата за сторен криминал при продажбата на Македонска Банка ги смета за клевети од најлош вид кои имаат за цел преку интензивна и обемна медиумска кампања за изнесување невистини, целосно да го уништат неговиот углед.
Во својата одбрана, пак, лидерот на СДСМ Заев рече дека снимката ја добил лично од Ден Дончев. Заев останува на тврдењето дека Груевски примил поткуп и какошто додаде нема намера да му се извини.
Јовица Стефановиќ, познат како Газда Нини, сведок на одбраната, вчера рече дека не го познава премиерот Груевски и дека никогаш не разговарал со него на телефон, ниту пак договарале преку посредници поткуп при продажбата на акции во Македонска Банка.
„Сега е соочен со тоа дека нема такви докази, а на судот не може со говор или прес конференции да му докажете, туку треба да изнесете докази, соочен со тоа што сведокот кој тој го повика и за кој јавно кажа дека ми ги дал тие 1,5 милиони евра, вчера тоа го демантираше овде во судницата. Сега како последна надеж за спас се обидува да го преформулира своето обвинување, односно клевета, дека тоа било исказ на основано сомнение, а не било категорично клеветење и тврдење за тоа што го кажа дека јас сум го направил“, изјави премиерот Груевски.
Груевски за клеветата од Заев бара отштета од 500 илјади евра.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе даде изјава по завршувањето на неговиот исказ во судот.