По повеќе од 40 дена, Сенатот на САД го направи првиот чекор за прекин на блокадата на владата
По повеќе од 40 дена, Сенатот на САД го направи првиот чекор за прекин на блокадата на владата. Усвоен е Предлог – закон со кој ќе бидат исплатени илјадници вработени кои од први октомври останаа без плата и беше регистриран застој во јавните услуги.Меѓу другото, се предвидува и забрана за отпуштања во федералните работници …

Сенатот го направи првиот чекор за прекин на блокадата на американската влада. Републиканците се согласија во декември да гласаат за продолжување на субвенциите од Законот за прифатлива здравствена заштита, кои им овозможуваат на граѓаните со пониски приходи да плаќаат пониски премии за приватно здравствено осигурување. Договорот, исто така, вклучува и отповикување на масовните отпуштања на федерални работници од страна на администрацијата на Трамп и ќе обезбеди исплата на заостанатите плати на околу 1,25 милиони федерални службеници, вклучувајќи ги припадниците на војската, граничната патрола и контролорите на воздушниот сообраќај.
„Направивме голем чекор напред за да ја заштитиме здравствената заштита на десетици милиони Американци во замена за финансирање до 31 јануари. Овој договор ќе им даде на демократите контрола врз Сенатот за гласање за еден од нашите главни законодавни приоритети, продолжување на даночните кредити за премии од Законот за прифатлива здравствена заштита. Ова е важно кога републиканците ја контролираат секоја гранка на владата“, изјави Сенаторка Џин Шахин, демократка од Њу Хемпшир.
Блокадата која почна како политички спор околу распределбата на буџетските средства, доведе до одложена помош за храна, прекини во јавните услуги и доцнења во воздушниот сообраќај.
„Овој договор ги финансира програмите СНАП и помош за храна, осигурува дека органите за спроведување на законот, контролорите на летање и другите федерални работници ќе бидат исплатени. Ги поништува неодамнешните неодговорни отпуштања на претседателот и спречува нивно случување во иднина и, што е клучно, му дава на Конгресот јасен пат напред кон заштита на здравствената заштита на луѓето“, изјави Сенаторката Меги Хасан, демократка Њу Хемпшир.
Претседателот на САД верува оти на најдолгата блокада во историјата на владата САД се приближува кон крајот. Тој повторно се вклучи во дебатата и побара субвенциите за здравствените осигурувања да се заменат со директни исплати на поединци.
„Изгледа дека сме многу блиску до крајот на затворањето. Никогаш не се согласивме на ова. Не знаеме со сигурност“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во следниот чекор, Сенатот треба да се договори околу соодветен пакет. Дури по постигнување на договорот, предлогот повторно ќе оди во Претставничкиот дом, каде што исто така мора да биде одобрен. Процесот, може да трае неколку дена.
Маријана Димовска
