Менди Ќура ја презеде градоначалничката функција во Струга
Контроверзно набавеното ауди во општина Струга од страна на Рамиз Мерко, ќе оди на продажба. Ова го најави новиот градоначалник Менди Ќура, кој денес седна во градоначалничката фотелја …

Независниот кандидат за градоначалник на Струга Менди Ќура денес го доби уверението од ОИК. По куса средба со претходниот градоначалник, Ќура донесе две предлог одлуки. Првата продажба на аудито, рече за своите потреби ќе го користи приватниот автомобил. Воедно најави отпуштање на сите вработени во општината коишто не одат на работа.
„Денеска почнуваме од зборови на дела почнуваат промените. Мојот изборен број 133 е среќен број денеска таблиците на мојата кола кои се исти 133 ќе биде автомобил кој ќе служи на општина Струга во следните четири години“, изјави Менди Ќура.
Менди вети исполнување на приоритетните проекти, решавање на проблемот со депонијата, аерозагадувањето, како и долгогодишниот проблем со водоснабдувањето.
„Ќе почнеме со проектите патот Мороишта - Струга што е најбитен и е покомплициран. Паркинг места зеленило и сега чекаме со владата да добиеме опрема за Комуналец околу 8.000 канти и возила“, додава Ќура.
Менди најави ревизија на работењето на општината и сите јавни претпријатија во општина Струга.
Соња Рилковска
