Јовановски ја презеде функцијата градоначалник на Општина Кичево
„Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска — пред вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите“, порача Јовановски.

По 12 години управување со градот, Дехари ја предаде функцијата градоначалник на Општина Кичево на Александар Јовановски. „Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска — пред вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите“, порача Јовановски. Тој истакна дека ќе се стреми кон изградба на локална самоуправа блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, без поделби по политичка, етничка или верска основа.
„Сакам јасно да им покажам на сите дека нема да имаме никакви проблеми од моја страна. Ќе се потрудам да имаме добра соработка со сите вработени и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани, како во областа на хигиена, така и во проектите што ги ветивме“, нагласи Јовановски.
Со преземањето на функцијата, Јовановски најави дека во наредниот период ќе се фокусира на подобрување на инфраструктурата, транспарентноста на општинската администрација и унапредување на квалитетот на живот во Кичево.
„Од оваа говорница Ви ветувам искрен, вреден и посветен труд за реализација на сите проекти кои ги ветивме“, рече Јовановски.
Јовановски беше пречекан во канцеларија од градоначалник во заминување Фатмир Дехари, кој го информираше за започнатите и потпишаните проекти, кои изнесуваат 7 милиони евра капитални инвестиции.
Марина Стојанова-Тонева
