Времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата
Министерството за финансии соопшти дека е донесена одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата. За ова е известена Европската комисија и службите во Брисел. СДСМ бара одговорност поради блокадата, ресорниот министер одговори…

Министерството за финансии ја стопира програмата ИПАРД 3. Ја известиле Европската комисија за привремен прекин на исплатите. Одлуката доаѓа по скандалот во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој, во која се води истрага за корупција и злоупотреби на европски фондови.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството за финансии.
Министерот за земјоделство вели – Брисел нема донесено одлука за блокада на средствата од ИПАРД програмата, напротив борбата што ја водиме против корупцијата е поздравена од Европската унија. Трипуновски додава дека за брзо време Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој ќе има нов директор.
„Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на коишто сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата којашто ја водиме во моментов и дополнителните проверки коишто ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, нагласува министерот Трипуновски.
Претходно, поранешниот министер за земјоделство од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски објави дека програмата ИПАРД 3 е суспендирана и дека на неопределено време се запираат исплатите за земјоделците и фирмите кои склучиле договори.
„Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, сè до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од Платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“, изјави Николовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека апсењето на директорот на Платежната агенција и неговите соработници се доказ дека законите важат за сите.
За овој скандал во притвор е директорот на Платежната агенција и други четири лица осомничени за примање мито за доделување на средства за проекти од програмата ИПАРД 3, иако законските услови не биле исполнети.
Андријана Ѓурческа
