Сенатот на САД го усвои законот за финансирање
Американскиот Сенат го одобри законот за финансирање, отворајќи го патот за завршување на блокадата на владата. Се очекува набрзо да помине и во Претставничкиот дом.

Американскиот Сенат го направи првиот чекор кон крај на историската блокада на владата, усвојувајќи закон за привремено финансирање со 60 гласа „за“, по недели застој и поддршка од неколку демократи.
„Три петтини од избраните сенатори гласаа потврдно. Предлогот е одобрен“, изјави Ерик Шмит-републикански сенатор.
Финансиските средства се обезбедени за до крајот на јануари, и вклучуваат исплата на федералните работници, средства за земјоделството и програмата за помош со храна.
„Ова беше многу долг пат, буквално најдолгото затворање во историјата. Многу сум среќен што можам да кажам дека се приближуваме кон крајот“, изјави Џон Тјун – лидер на мнозинството во Сенатот.
Договорот сепак, не ги вклучи клучните барања на демократите за здравствена заштита, кои ќе се разгледуваат во декември. Дел од нив го критикуваа компромисот, истакнувајќи ја суровоста на Трамп.
„Народот нема да ја заборави суровоста и бездушноста на Трамп. Тој ја затвори владата подолго од кој било претседател во американската историја, одби да направи што било за да ја реши кризата во здравствената заштита. А, кога здравствените трошоци што луѓето ги плаќаат од џеб ќе се удвојат, многу брзо Американците ќе знаат дека републиканците направија тоа да се случи“, изјави Чак Шумер – лидер на малцинството во Сенатот.
Законот сега оди во Претставничкиот дом каде мнозинството се надева дека би можел да помине уште утре, по што ќе биде потпишан од претседателот Трамп.
„Договорот е многу добар, ќе ја отвориме нашата земја многу брзо. Нема да даваме еден и пол трилион долари на луѓе кои дојдоа од затвори, банди кои сакаа да им се пружи здравствена заштита. Сакаме здравствен систем каде што парите им ги плаќаме на луѓето, наместо на осигурителните компании. И ќе работиме на тоа напорно во следниот период“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Во истовреме и покрај повиците на Трамп да се врати нормалното функционирање на воздушниот сообраќај, редуцираните летови ќе продолжат и денеска со намалување од 6%, додека контролорите не добијат плата.
„Мора веднаш да се дејствува и да им се обезбеди на сите лица кои не биле платени за време на ова продолжено затворање да ја добијат својата компензација. Доста е веќе“, изјави Ник Даниелс – претседател на Националното здружение на контролори на летање.
Блокадата почна на 1 октомври и остави стотици илјади федерални работници без плата. Компромисот од Сенатот треба да овозможи повторно активирање на програмите и враќање на платите за службениците.
Бојана Крстевски
