Недела на јапонски филм во Кинотека
Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.

Од 13- 17 ноември Кинотеката на Македонија ги отворa својот простор и платно за уште еден исклучителен циклус на јапонски филм, нудејќи уникатно патување низ повеќе декади на јапонската кинематографија. Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија, информираат од Кинотеката на Македонија.
Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.
Програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија.
Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика.
