Нов инвестициски циклус

„Костал“ со нова инвестиција од 30 милиони евра и 200 нови работни места во Охрид

11.11.2025 11:27

На денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски, извршниот директор на „Костал Аутомотив“ Каи Кникман и директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо ја најавија новата фаза на проширување на компанијата.

Германската компанија „Костал“ во 2026 година започнува нов инвестициски циклус во својата фабрика во Охрид, вреден 30 милиони евра, со што ќе бидат отворени дополнителни 200 работни места.

На денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски, извршниот директор на „Костал Аутомотив“ Каи Кникман и директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо ја најавија новата фаза на проширување на компанијата.

„Костал“ е семеен бизнис со долга традиција и обрт од околу 3,5 милијарди евра годишно. Нивните планови во Македонија се импресивни – нови 200 вработувања и обрт од над 300 милиони евра. Владата ќе биде силен партнер во поддршката на оваа инвестиција, изјави Мицкоски.

Кникман истакна дека по девет години успешна работа, компанијата влегува во нова развојна фаза.

Во 2026 ќе почнеме со нови инвестиции од околу 30 милиони евра, што ќе донесе нови производи и раст на приходите за 20 проценти во следната година, рече тој.

Според Мизо, со ова проширување, „Костал“ ќе стане една од трите најголеми фабрики-извозници во земјава, а новите вработувања ќе вклучуваат производствени, инженерски и административни позиции.

Ова е позитивна вест не само за Охридско-Струшкиот регион, туку и за целата држава, рече Мизо.

Во моментов, фабриката во Охрид вработува околу 1.200 лица, а со новата инвестиција бројот ќе надмине 1.400.