Мицкоски: Средствата од ИПАРД не се блокирани, истрагата за злоупотреби продолжува
Тој објасни дека времен прекин на исплатите бил побаран со цел да се направи целосна проверка на системот и да се спречат идни злоупотреби.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги негираше тврдењата дека средствата од ИПАРД програмата се блокирани поради апсењата во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, нагласувајќи дека истрагата се продлабочува поради сомнежи за злоупотреби и во минатите години.
„Напротив, од Европската комисија беше поздравена позитивната акција. Мора да видиме до каде оделе злоупотребите, бидејќи има информации дека тоа се случувало со години наназад. Ќе се истражи сè и сите вклучени ќе одговараат – од прв до последен“, изјави Мицкоски за време на посетата на фабриката „Костал“ во Охрид.
Тој објасни дека времен прекин на исплатите бил побаран со цел да се направи целосна проверка на системот и да се спречат идни злоупотреби.
Од Министерството за финансии вчера информираа дека исплатите од ИПАРД програмата се привремено стопирани како превентивна мерка по актуелните случувања во Агенцијата, а Европската комисија ја поздравила одлуката на националните структури.
