Стоилковиќ во Белград на конференција „Western Balkans 2030“
Стоилковиќ утре ќе престојува во официјална посета на Србија, каде што ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ)...
Потпретседателот на Владата на Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ утре ќе престојува во официјална посета на Србија, каде што ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
„Western Balkans 2030“ е клучен регионален форум што ги обединува претставниците на европските институции, меѓународните организации и деловната заедница со цел заеднички да ги дефинираат насоките за развој на регионот до 2030 година. Фокусот е ставен на регионална интеграција, енергетска транзиција, дигитализација, одржлив раст и инвестиции. Организиран од списанието „Регион“ и поддржан од УНОПС и Европската инвестициска банка (ЕИБ), форумот ќе собере 80-100 учесници, вклучувајќи институционални партнери, лидери од приватниот сектор и претставници на регионалните медиуми.
Меѓу учесниците на конференцијата се најавени и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Стоилковиќ утре ќе оствари и работна средба со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ. На средбата ќе се разговара за потпишување на меморандум за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заедничките инвестициони проекти, како и заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум што ќе се одржи во Македонија на 2 и 3 декември.
Посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
