Регионална конференција

Зајакнување на регионалната соработка за поголема безбедност

11.11.2025 12:58

Денес во Скопје беше отворена 10-та јубилејна Годишна конференција за координација на безбедноста на Западен Балкан под мотото „Западен Балкан – ЕУ: Заедничка безбедност, заедничка иднина“...

Организираниот криминал и корупцијата се двете главни безбедносни закани во регионот, констатираа на 10-та Годишна конференција за регионална координација на безбедноста за зајакнување на регионалната соработка и отпорност на безбедносните предизвици. Граѓаните од регионот очекуваат владите да се справат со овие закани.

„Најголемата безбедносна закана според граѓаните во регионот е организираниот криминал и корупцијата. На второ место како нова закана ги гледаат кибернападите кои не може лесно да се спречат“, изјави претседателот на Собранието, Гаши.

И од италијанското МВР се согласуваат дека организираниот криминал и корупцијата се голем проблем, не само на Западниот Балкан туку и во Европа, но сè уште актуелна безбедносна закана е и тероризмот.

„Една од главните закани е тероризмот. Затоа треба да разменуваме информации и да имаме поголема соработка за да се бориме со оваа закана“, изјави Стефано Гамбакурта-заменик-генерален директор за јавна безбедност во МВР на Италија.

Поголема безбедност ќе се постигне и со прием на државите од Западен Балкан во Европската унија, оценуваат европските дипломати.

„Поддршката на Италија на Регионалниот совет за соработка е дел од нашата стратегија за полноправно членство на сите држави од Западниот Балкан во ЕУ. Ова е предмет на заеднички просперитет, но и поважно на заедничка безбедност. Уверени сме дека можно е во скоро време Северна Македонија да биде меѓу водечките земји кои ќе станат членки“, изјави Паоло Палминтери-амбасадор на Италија.

Водечкиот форум на Западен Балкан за безбедносен дијалог ќе работи на решенија за проблемите со миграцијата, организираниот криминал и корупцијата и кибернападите.

Ирина Гелевска