Трамп бара отштета од Би-Би-Си и повлекување на документарецот „Панорама“
Американскиот претседател бара од Би-Би-Си до петок да го повлече спорниот документарен филм „Панорама“, да објави извинување и да му исплати отштета од најмалку една милијарда долари...

Американскиот претседател му се закани на британскиот радиодифузен сервис со тужба во износ од најмалку една милијарда долари. Трамп, бара од Би-Би-Си до петок да го повлече спорниот документарен филм „Панорама“, да објави извинување и да му исплати отштета. Од телевизијата велат дека неговото барање ќе биде навремено разгледано. Генералниот директор во оставка денеска на состанок во Би-Би-Си.
„Тука сум да го водам и поддржам Би-Би-Си. Многу сум горд на нашите новинари во оваа зграда. Сакам да им се заблагодарам на сите нив. Тие се одлични во работата. Би-би-си ќе напредува и ги поддржувам сите членови на тимот“, изјави Тим Дејви, генерален директор на Би-Би-Си во оставка.
На контроверзното видео емитувано само недела пред претседателските избори во САД, е прикажано како Трамп ги повикува своите поддржувачи на насилство во Капитол Хил. Претседателот на Управниот одбор на Би-Би-Си со извинување до јавноста. Шах призна дека монтажата на говорот оставила „впечаток на повик за насилство“.
„Во моментов сме во преговори со адвокатите на Трамп и нашите адвокати и тоа е сè што можам да кажам сега. За мене е важно да ги разгледаме доказите, да ги земеме предвид сите фактори. Сите сме луѓе, правиме грешки и треба да ги прифатиме. Посветеноста на новинарите на Би-Би-Си кон непристрасното новинарство е огромна, без сомнение“, истакна Самир Шах, претседател на управниот одбор Би-Би-Си
Британската влада застана зад телевизиската мрежа. Портпаролот на британскиот премиер рече дека Би-Би-Си мора да ја одржува довербата и веднаш да ги исправи грешките.
Катерина Бојаџиева
