Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ започнува наскоро, вклучени 15 обвинители
Правосудството е една од слабите алки во извештајот. Случајот со трагедијата со кочанската дискотека ќе биде голем тест и предизвик за Обвинителството. Челникот на институцијата Коцевски, најавува засилување на тимот кој ќе го води случајот. 15 обвинители ќе докажуваат вина кај 34 лица...

Обвинителите кои работеа на истрагата за пожарот во кочанската дискотека ќе бидат присутни на судењето кое почнува идната недела. Ќе ротираат, бидејќи имаат и други предмети за работа, но вкупно 15-мина ќе го бранат обвинението. Институцијата има капацитет да се справи со предизвикот што го носи процесот, уверува државниот обвинител Коцевски.
Идниот месец ќе се донесе и одлука за истрагата против полициските службеници осомничени во случајот со пожарот.
И врховната судијка Лазарова - Трајковска констатира дека освен ресурси и независен судски буџет, насушно е потребен дијалог меѓу извршната, законодавната и судска власт за подобрување на состојбата во секторот.
Во Предлог - буџетот за идната година кој е во собраниската процедура, за судската власт се предвидени 46 милиони евра или 0,3% од БДП. Дел од експертите укажаа дека тие пари се недоволни за ефикасна правда и борба со криминалот.
Анита Димитријевска – Велковска
