Протести во Белград, граѓаните и студентите не дозволуваат рушење на зградата на Генералштабот
Протест и блокада на студентите и граѓаните пред Генералштабот против неговото рушење за потребите на хотелот на зетот на Доналд Трамп...

Со паролата „Не го даваме Генералштабот“ денес во центарот на Белград се одржа протест на повеќе илјади студенти и граѓани „Ние сме жив ѕид“, со пораката дека „нема мирно да го гледаат“ уривањето на тој комплекс и „газењето на Уставот и законот“.
Собраните на протестот бараа укинување на lex specialis врз комплексот на Генералштабот и враќање на статусот на културно добро на таа зграда.
„Ова е ремек-дело на архитектурата на поранешна Југославија кое ја претставува битката на Сутјеска и борбата против фашизмот. Објектот е три пати погоден за време на НАТО бомбардирањето и претставува и симбол на страдање на Србија. Денес стана симбол на заштита на културното наследство, а граѓаните, струката и меѓународните организации сакаат да го спречат уривањето и градбата на хотел и коцкарница на зетот на Трамп, Кушнер“, изјави Естела Радоњиќ Живков, конзерватор во Републичкиот завод за заштита на спомениците.
На протестот беше соопштено дека ова е нивното „прво предупредување“ до властите. Симболично, околу зградите на Генералштабот се формира „жив ѕид“ и беше повлечена црвена линија, како „предупредување“ до властите да не ги уриваат зградите.
Стотина метри подолу, на булеварот на Кнез Милош веќе деветти ден пред Собранието штрајкува со глад Дијана Хрка, која одби да оди кај претседателот Вучиќ, изјавувајќи дека тој не е надлежен за она што таа го бара.
Оливер Бранковиќ - дописник од Белград за МТВ
