Стопирана исплатата на парите од европските фондови, ќе се истражува злоупотреба
Премиерот Мицкоски лично побарал да биде запрена исплатата за ИПАРД 3 програмата, за да се утврдат сите злоупотреби и потенцира дека доколку се констатира вина, ќе има одговорност. Ваквиот чекор го поздрави Европската комисија. А од Обвинителството велат дека три месеци наназад било истражувано дали има корупција во агенцијата. Од СДСМ пак тврдат дека одлуката за блокирање на парите била донесена од Европската Унија...

Секој што ги злоупотребил парите од ИПАРД програмата ќе одговара – од прв до последен. Ова е ставот на премиерот откако државата времено ја прекина исплатата на парите од европските фондови, додека трае истрагата за корупцијата во платежната Агенција. Одлуката ја поздрави Европската Унија. Мицкоски рече дека тој побарал да се блокираат парите за да се види до каде оделе злоупотребите.
Исплатите од ИПАРД не може да ги стопира премиерот, тоа е санкција од европскиот систем на контрола, велат од СДСМ.
Од земјоделските здруженија го поздравија потегот на државата, оти како што велат, не било фер некој да печали врз грбот на земјоделците.
Од Основното јавно обвинителство велат дека овој предмет се водел три месеци, каде имало повеќе обвинети.
Од Владата велат дека наскоро Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството ќе има нов директор.
ИПАРД програмата за помош за рурален развој, почна во 2021 и ќе трае до 2027 година, за што се користат 128 милиони евра, од кои 97 милиони се од ЕУ, а остатокот е од државниот буџет.
Борис Грујоски
