Македонија

Годинава шестмина го загубиле животот на работното место, ќе се подобрува заштитата на работниците

11.11.2025 17:21

Преку проект на Европската унија ќе се подобрува заштитата на работниците. И во последниот извештај за напредокот на земјава, нотирани се препораки.

Работните места и натаму небезбедни за работниците во земјава. Годинава шестмина го загубиле животот, повреди има постојано, особено во градежништвото, земјоделството, транспортот и преработувачката индустрија. Економските загуби се проценуваат помеѓу 500 и 600 милиони евра годишно.

„Ова не е само статистика, тоа се животи, семејства, човечки животи зад секој број. Затоа Владата ја поставува БЗР како реален национален приоритет, а не само законска обврска“, изјави Љупчо Димовски – заменик-претседател на Владата.

„За жал законите, сами по себе не се доволни. Мора да бидат придружени со институционална инфраструктура, со функционални инспекциски служби, систем за обука и едукација“, рече Бесар Дурмиши – министер за економија и труд.

Преку проект на Европската унија ќе се подобрува заштитата на работниците. И во последниот извештај за напредокот на земјава, нотирани се препораки.

„Да се зајакне трудовиот инспекторат, да се создаде систем за следење на повредите и смртните случаи на работно место да се охрабри и поттикне социјален дијалог меѓу работодавците и работниците. Проектот кој започнува денес ќе ги следи овие препораки“, вели Александру Албу – советник на делегацијата на ЕУ.

Синдикатот очекува проектот да доведе до намалување на несреќите со фатални последици во следните три години.

„Крајниот епилог од овој проект е кога ќе се видиме по неговото завршување е да кажеме дека овие шест несреќи со фатални последици ќе бидат намалени на еден или може би на ниту еден и тоа треба да ги води сите кои се дел од овој процес“, изјави Слободан Трендафилов – претседател на ССМ.

Годишно во светот се регистрираат над 2,9 милиони смртни случаи и 400 милиони повреди на работните места.

Андријана Ѓурческа