Пакистан

Бомбашки напад во Исламабад

11.11.2025 18:19

Најмалку 13 лица загинаа, а десетици се ранети во бомбашки напад во Исламабад. Пакистанското министерство за одбрана објави дека земјата е во воена состојба. Нападот дополнително го става под прашање примирјето меѓу Авганистан и Пакистан по тензиите на границата. Преговорите меѓу соседите изминатиот викенд во Турција завршија без договор …

Бомбаш – самоубиец уби над 10 лица и рани десетици во главниот град на Пакистан. Напаѓачот се обидел да влезе во Окружниот суд во Исламабад, по што ја активирал експлозивната направа пред зградата, во близина на полициското возило.

„Ги лекуваме повредените во болниците, а нашите тимови се таму за да им ги обезбедат најдобрите услови. Осомничениот стоел таму 15 минути, дури се обидел да влезе во просториите на судот, но, не успевајќи да го стори тоа, целел полициско возило“, изјави Сајед Мохсин Раза Накви, министер за внатрешни работи на Пакистан.

Министерот за одбрана предупреди дека земјата е во воена состојба и порача дека нападот треба да се смета за повик за будење во односите со Авганистан. Пакистанскиот премиер Шариф пак, тврди дека екстремистички групи активно поддржани од Индија биле вклучени во нападот. Пакистан се соочува со нов бран насилство, откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во 2021 година. Од авганистанското МНР велат дека мировните преговори со Пакистан по насилствата на границата завршиле без договор.

„Главната причина за недостатокот на напредок е тоа што пакистанските претставници дадоа предлози за време на разговорите кои беа целосно неприфатливи. Нивното барање беше авганистанската влада да даде гаранции дека нема да има безбедносни инциденти во Пакистан“, рече Амир Кан Мутаки, министер за надворешни работи на Авганистан.

Тензиите меѓу Авганистан и Пакистан ескалираа во последните недели по смртоносните гранични борби во кои загинаа десетици војници и цивили. Со посредство на Катар и Турција на 19 октомври беше постигнат прекин на огнот кој останува нестабилен.

Маријана Димовска