Книжевност

„Матица македонска“ ја објави книгата „Стилски синтези“ – Димитар Пандев чекори по патот на Блаже Конески

12.11.2025 10:10

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата Стилски синтези“ од истакнатиот македонски лингвист, книжевен критичар и писател Димитар Пандев...

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата Стилски синтези“ од истакнатиот македонски лингвист, книжевен критичар и писател Димитар Пандев.

По повеќе објавени книги од областа на стилистиката и општата лингвистика, оваа книга на Пандев претставува обемен труд од областа на македонската стилистика во кој авторот сеопфатно ја обработува теоријата за стилски синтези што ја има поставено Блаже Конески и ја има разгледано од најмалку четири аспекти во одделни свои реферати и статии, објавени во периодот од 1958 г. до 1992 г., задржувајќи се врз придонесот на македонските преродбеници во оформувањето на македонскиот писмен јазик. Оваа теорија од својот претходник Блаже Конески, чекорејќи по неговиот пат, Пандев ја презема проширувајќи го нејзиниот домен и врз современите македонски писатели кои во голема мера придонесле за стабилизација на литературната норма на македонскиот литературен јазик.

Станува збор за капитално дело во кое Пандев од стилистички аспект прецизно ги дефинира стилските синтези кои Конески ги разгледува од аспект на нивното место во историскиот развој на македонскиот писмен јазик и илустративно ги надополнува со примери што лично ги ексцерпира од богата ризница на македонското книжевно наследство.

Своите погледи на проучувањата на Конески, Димитар Пандев ги изложи претходно, во книгата „Времето на Конески“ која во 2021 година ја објави „Матица македонска“, а со оваа книга за првпат во македонската филологија толку продлабочено се продолжува со проучување на една од клучните теории во развојот на литературните јазици, која од историскојазичен и поетички аспект го привлекува вниманието на Блаже Конески, особено по однос на македонскиот XIX век, како и на современата македонска поезија во периодот до седумдесеттите години на минатиот век.