Свет

Трамп не се откажува од тужбата за Би-Би-Си

12.11.2025 09:51

Американскиот претседател смета дека има „обврска“ да ја тужи Би-Би-Си поради начинот на кој дел од неговиот говор бил монтиран. Како што вели Трамп, со тоа ги „измамиле“ гледачите. Неговите адвокати побараа отштета, повлекување на документарецот и извинување. Претходно, раководството на британската телевизиска мрежа поднесе оставка…

Американскиот претседател, Доналд Трамп, за првпат јавно проговори за Би-Би-Си скандалот и неговиот монтиран говор во документарецот „Панорама“ емитуван на британската телевизиска мрежа една недела пред претседателските избори во САД, на кое е прикажано како тој ги повикува своите поддржувачи на насилство во Капитол Хил. Трамп наведе дека има обврска да ја тужи медиумската куќа, бидејќи јавноста не смеела да биде измамена.

„Мислам дека имам обврска да го направам тоа затоа што не можете да ги наведете луѓето, да им дозволите да го направат тоа. Тие ја измамија јавноста и го признаа тоа. И замислете, ова е нашиот наводно голем сојузник. Би-Би-Си, Владата, имаат удел во тоа. Тие го променија мојот говор од 6-ти јануари, кој беше прекрасен, смирувачки говор, и го направија да звучи радикално. Многу нечесно“, рече Трамп.

Британската влада ја брани Би-Би-Си по заканата за тужба од Трамп, иако дебатите во Долниот дом продолжија. Министерката за култура призна дека уредувањето на говорот било со „недостаток на вештина и итност“, но нагласи дека Би-Би-Си е најдоверлив извор на вести и мора да остане транспарентна за да ја задржи довербата на јавноста.

„За да се одржи довербата, апсолутно е важно Би-Би-Си да биде транспарентна во врска со активностите што ги презела и што планира да ги преземе. Во последните денови тесно соработував со претседателот на Би-Би-Си. Разговарав со него и со генералниот директор. И како влада, бевме јасни дека сме подготвени да ја обезбедиме целата поддршка“, истакна Лиза Нанди, министерка за култура на Обединетото Кралство.

Кризата во Би-Би-Си сериозно ја наруши довербата кај британската јавност.

„Доста е шокантно. Тоа е нешто што никогаш не требало да се случи. Тие треба да бидат пример за непристрасност и правилна постапка и навистина треба да знаеме повеќе за тоа што се случило и како било дозволено да се случи“, вели Аманда Кери, Британка.

„Мора да ја средат својата организација за да можеме во иднина да гледаме на Би-Би-Си со доверба“, вели Дејвид Абрахам, Британец.

Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, призна дека организацијата минува низ „тешки времиња“, но дека ќе ги надмине предизвиците, откако тој и раководителката на вестите поднесоа оставки.

Адвокатите на Трамп побараа милијарда долари отштета, извинување и повлекување на документарецот до петок. Претседателот на Би-Би-Си, Самир Шах, се извини и призна дека монтажата оставила „впечаток на повик за насилство“. Генералниот директор, Тим Дејви, рече дека организацијата минува низ „тешки времиња“, но дека предизвиците ќе бидат надминати, откако тој и раководителката на вестите поднесоа оставки.

Бојана Крстевски