САД

Законот за финансирање на американската влада, во Претставничкиот дом

12.11.2025 15:25

Законот за финансирање на американската влада, по усвојувањето во Сенатот, денеска упатен и во Претставничкиот дом. Републиканците убедени дека ќе биде усвоен во долниот дом на Конгресот и потпишан од Трамп. Иако се чини дека владата се движи кон повторно отворање, прекините на работата на аеродромите, откажувањата на летови и економските загуби нема да исчезнат одеднаш. Се очекува процентот на редуцирани летови во петок да достигне и до 10 насто...

Сите очи вперени во Претставничкиот дом на САД. Се разгледува Предлог-законот на Сенатот за привремениот буџет за повторно отворање на федералната влада. Републиканците се надеваат дека истиот би можел да се усвои уште денеска, пред да му биде испратен на претседателот Трамп за потпис. Иако се чини дека владата се движи кон повторно отворање, прекините на работата на аеродромите, откажувањата на летови и економските загуби нема да исчезнат одеднаш.

„Долго откако ќе заврши блокадата, ќе бидеме заглавени, ни недостасуваат околу 2.000 контролори, тоа е проблем. Работиме да ја надоместиме разликата. Имаме големи нарушувања во воздушниот сообраќај и ситуацијата ќе се влоши со наближување на викендот ако владата не се отвори. Претставничкиот дом мора да си ја заврши работата. Се чини дека се расположени за тоа“, изјави Шон Дафи – министер за транспорт на САД.

Според „Ерлајнс фор Америка“, околу 5 милиони патници биле погодени од доцнења или откажувања на летовите од 1 октомври до сега. Денеска се очекува процентот на редуцирани летови да достигне 8, а веќе в петок и до 10 насто. Патниците фрустрирани.

„Добив смс-порака дека нашиот лет за враќање дома ќе биде одложен за еден ден. Дефинитивно не бевме подготвени за тоа“, изјави Мартин Нгуен – патник.

„Отворањето на владата е вистинската одлука, многу луѓе зависат од тоа. Не гледам дека бројот на летови ќе се зголеми од нула на 100 преку ноќ. Малку е загрижувачки“, изјави Мајк Рикс – патник.

Конечниот закон го продолжува финансирањето на повеќето владини институции до 30 јануари и вклучува три закони за финансирање на некои посебни делови од владата. Републиканците во Претставничкиот дом убедени дека овој закон ќе биде усвоен во долниот дом на Конгресот.

 

Катерина Бојаџиева