Отпис на долгови

Земјите од регионот по стапките на Македонија

02.09.2014 16:14

Хрватска и Црна Гора го следат македонскиот пример за отпис на долгови. Властите во Загреб се во напредни разговори со банките и мобилните оператори. Раководството во Подгорица прави детални анализи. Во Македонија на терен, отписот функционира без никакви проблеми.

И во Хрватска ќе се простуваат долгови. Властите преку разговори со банките и мобилните оператори, кои се уште не се финализирани, побараа спас за најсиромашните, кои должат помалку од 10.000 куни или околу 80.000 денари, а кои се ненаплатени една година. Првична проценка е дека се работи за околу 140 илјади граѓани со вкупен долг од околу 65 милиони евра.

„Ќе им се простат долговите на оние кои навистина не можат да ги вратат парите, значи социјалните случаи, невработените, пензионерите со ниски примања. Ние имаме точни податоци за оние кои имаат имот, кои имаат по два или три автомобили, а должат пари. Тие нема да влезат во отписот на долгови, туку ќе им се помогне на оние кои се навистина социјално загрозени“, изјави Миланка Опачиќ, министерка за социјална политика и млади на Хрватска.

„Овде не станува збор за луѓе кои не сакаат да ги вратат долговите, туку се работи за луѓе кои поради сиромаштијата и тешката економска криза не се во можност да ги вратат долговите“, изјави Борис Лаловац, министер за финансии на Хрватска.

Македонскиот модел за отпис на долгови сериозно размислуваат да го пресликаат и во Црна Гора.

Од Министерството за финансии на Црна Гора во соопштение до тамошните медиуми, информираат дека се отворени да направат сериозни анализи за краткорочните и долгорочните ефекти од мерката за заштита на социјално загрозените категории граѓани, и да го разгледаат моделот кој е веќе  имплементиран во регионот, во прв ред, мислејќи на Македонија.

Во земјава, проектот тече без никакви проблеми. Откако граѓаните во првите денови повеќе се информираа за потребната документација, сега веќе се поднесуваат и комплетните барања.

„Најголем е интересот за отпис на долгови за електрична енергија. На второ место се долговите кон банките од кредитити и кредитните картички, што не значи дека не се поднесуваат барања и за другите долгови“, изјави Марија Алексоска – Ѓуревска, социјален работник во меѓуопштински центар.

Во Македонија, со отписот на долгови се опфатени најранливите категории граѓани – примателите на социјална и постојана парична помош, оние кои повеќе од една година активно бараат работа и луѓето кои се доведени во социјален ризик поради смрт на брачниот другар, инвалидност или потешка болест. Проектот треба да заврши до ноември.                  

Мартин Пушевски