Политиката нема право да се меша во академската слобода, порача министерот Муцунски
Владата не се меша ниту влијае на работата на Мешовитата македонско - бугарска комисија, обврска на членовите е да дебатираат и да носат заклучоци низ призмата на научните познавања за успешно да ги координираат – вели шефот на дипломатијата Муцунски...

Политиката нема право да се меша во академската слобода, ги тргна рацете од работата на Македонско-бугарската експертска комисија. Обврска на членовите е да дебатираат и да носат заклучоци засновани на научни методи, порача министерот Муцунски.
„Јас доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек, односно многу работи што тој ги кажа во последниот период, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, да го политизираме тој процес. Јас единствено што можам да повторувам и често го кажувам тоа и како поединец којшто доаѓа од академската средина е да си работат како научници во рамките на таа Комисија“, изјави Муцунски.
Немам намера да коментирам политички изјави-го потврди својот став копретседателот на македонскиот тим од Мешовитата историска комисија по оценката на копретседателот на бугарскиот тим дека и по осум години, како што вели работата е до никаде и дека Комисијата е алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Македонија и Бугарија.
„Нема да коментирам политички изјави, квалификации и оценки на колегите од Република Бугарија, вклучително и последнава изјава на Ангел Димитров од едноставна причина што работата на Комисијата не смее да се претвори во Реалити шоу, бидејќи на тој начин не се гради доверба“, изјави Ванчо Георгиев.
Следната средба ќе се одржи во првата половина на декември во Софија. Историските прашања, учебниците и Охридската архиепископија се прашањата кои ја закочија работата на Македонско-бугарската историска комисија.
Александра Велинова
