Политика

Коалициските партнери пред нов договор, СДСМ во процес на консолидација

12.11.2025 19:14

Владините коалициски партнери интензивно комуницираат околу распределбата на позициите – од владините повереници во општините без градоначалници, до пополнување на празните министерски места. Се споменува дека Беким Сали ќе биде нов прв заменик-премиер, а отворено останува прашањето кој ќе го преземе ресорот за животна средина. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува состојбата во СДСМ, додека од таму уверуваат дека процесот на консолидација е започнат …

Владините коалициски партнери се во тековна комуникација, ќе седнат на маса за договарање како на владините повереници за 4-те општини каде не се избраа градоначалници, така и за пополнување на местата во Владата кои се празни.

Беким Сали за прв заменик-премиер се чини дека е веќе прифатено, но останува отворено кој и чиј кадар ќе седне во министерското столче на животна средина.

И додека се прават коалициските математики за функционерски позиции продолжуваат препукувањата околу состојбите во СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека опозициската партија мака мачи со изнаоѓање нови кадри на носечките функции во партијата, а Филипче е одбиван од сите на кои им предлага да се вклучат во неговиот тим.

Во СДСМ се децидни дека консолидацијата на партијата е започната и ќе се дискутира во партиските тела.

Во меѓувреме, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги подготвуваат своите партиски конгреси.

Миле А. Ристески