Евроатлански совет

Македонија е длабоко навлезена во интегративниот процес на НАТО, пречка останува Грција

02.09.2014 16:18

Авганистан, Руско-Украинската криза и односите со партнерите на Алијансата ќе бидат темите за кои ќе се расправа на НАТО самитот во Кардиф.

Заклучокот за Македонија од Букурешт се уште важи. Експертската јавност оценува дека земјава е длабоко навлезена во интегративниот процес на НАТО, одамна ги исполни критериуми за влез, главна пречка, останува Грција. Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија вели- од самит до самит целта е иста.

„Нашата крајна цел од самит до самит е полноправно членство во НАТО- за жал сеуште таа цел не се остварува. Ние и на овој самит ќе го споделиме нашиот интерес и придонес со земјите членки на НАТО за да одговориме на сите предизвици кои не очекуваат во иднина“, изјави претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија, Исет Рамадани.

Американскиот амбасадор во земјава повторува дека Македонија е важен партнер на Алијансата. Тврди дека никој повеќе од САД не сака Македонија да влезе во НАТО.

„Нема план оваа година да се додадат нови членки на Самитот во Велс. Сакам силно да кажам дека САД верува дека Македонија ќе стане вредна членка на НАТО, но прашањето е кога. Остануваме посветени и самата Алијанска останува посветена на нашата политика на отворени врати“, истакна амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

Од академската фела сметаат дека НАТО мора да ја оствари својата улога не само како колективен бранител, туку и како колективен обликувач на безбедноста во околина која постојано се менува.

„Надворешно НАТО земјите треба да најдат начин како да избегнат билатералните прашања да станат пречка кон поголемата кауза. Тоа значи дека НАТО треба повторно да ја преиспита својата политика“, изјави Методи Хаџи Јанев од Воената академија „Михајло Апостолски“.

На пртестојниот собир во Кардиф главни теми се Авганистан и кризата во Украина. Британскиот Амбасадор во земјава смета дека и во овие точки Македонија треба да се препознае. Вели доколку се постигнат целите, тоа ќе го засили НАТО, а со тоа ќе донесе битни сигурносни придобивки за Македонија.

Лидија Чакар