Повторно одложено рочиштето за 25 годишниот мотоциклист Фатон Љури
Наместо завршни зборови, во Кривичен повторно одложено рочиштето за 25 годишниот мотоциклист Фатон Љури, кој смртоносно го прегази 68 годишниот пензионер Југослав Николовски на пешачка патека во Паркот на франкофонијата.

Наместо завршни зборови, во Кривичен повторно одложено рочиштето за 25 годишниот мотоциклист Фатон Љури, кој смртоносно го прегази 68 годишниот пензионер Југослав Николовски на пешачка патека во Паркот на франкофонијата. На почетокот на рочиштето, обвинетиот се пожали на болки во стомакот кои ги има повеќе денови, а на судот доставено му беше писмо од директорот на затворот со итен упат за преглед на Дигестивна хирургија.
Во судницата беше повикана брза помош, по прегледот на обвинетиот и дадената терапија, лекарот констатирал дека болката е намалена, но подобро е обвинетиот да не ја следи расправата. Судијата даде наредба обвинетиот да биде однесен на преглед на дигестивна хирургија, а рочиштето го одложи за 21 ноември.
На последното рочиште обвинетиот призна вина за прегазувањето на пешакот Југослав Николовски, но не и за тоа дека не му укажал помош.
Според обвинителниот акт, обвинетиот управувал мотор по пешачка патека, немал возачка дозвола и возел спротивно на сообраќајните прописи. Иако брзината на моторот била 35 километри на час, таа се смета за небезбедна на локација која е наменета исклучиво за пешаци. Поради тоа, обвинетиот не успеал навреме да запре и удрил во пешакот Николовски, кој се здобил со тешки телесни повреди. Повреден бил и сопатникот на мотоциклистот.
