Војната продолжува

Украина ја тресе корупциски скандал од 100 милиони долари

12.11.2025 18:54

Голем корупциски скандал од 100 милиони долари ја тресе Украина. Суспендиран украинскиот министер за правда поради истрага за корупција. Се апсат сегашни и поранешни функционери. На фронтот продолжуваат борбите. Земјите од Г7 на состанок во Канада. Една од главните теми е војната во Европа...

Додека војната продолжува со несмалено темпо, корупциски скандал од 100 милиони долари ја тресе Украина. Во тек е голема истрага за перење пари во енергетскиот сектор, во која се вмешани високи сегашни и поранешни функционери.

Премиерка Свириденко го суспендираше министерот за правда, досега се обвинети седум лица. Претходно беше објавено дека шемата била раководена од бизнисмен и соработник на претседателот Зеленски.

Западот сè повеќе е свесен дека средствата доделени на Украина ги присвојува киевскиот режим, обвини Кремљ.

„Споменатите лица, користејќи ги своите службени овластувања, како и влијанието на министерот за енергетика и нивниот доверлив однос со него, извршиле задржување и акумулирање на значителни суми пари стекнати преку криминални средства, со помош и учество на службеници на Енергоатом“, вели Иван Дјачук, обвинител во Украина.

Руските власти велат дека се подготвени за нова средба во Истанбул за директни преговори со Киев. Потврдија дека имало контакт меѓу советникот за национална безбедност на Велика Британија, Пауел, и помошникот за надворешна политика на Кремљ, Ушаков, но дека дијалогот не успеал.

Ова доаѓа откако „Фајненшл тајмс“ објави дека Пауел се обидел да отвори канал со Кремљ стравувајќи дека администрацијата на претседателот Трамп би можела да ги заобиколи нивните интереси во врска со Украина.

„Навистина имаше контакт. Контактот се одржа, но дијалогот не беше продолжен. Факт е дека за време на овој контакт имаше акутна желба на соговорникот да зборува за ставот на Европејците и немаше никаква намера и желба да се слушне нашиот став“, вели Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во Канада, состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Г7. Безбедноста на Арктикот, војната во Украина и мирот на Блискиот Исток во фокусот на дебатата.

Собирот се одржува откако напорите за организирање самит меѓу претседателите Путин и Трамп беа замрзнати изминатиот месец.

Маријана Димовска