Не се очекува значајна промена на цената на струјата
Со почетокот на зимската сезона расте потрошувачката на електрична енергија, но Регулаторната комисија за енергетика уверува дека нема да има позначајни поскапувања за преносот и дистрибуцијата. МЕПСО бара зголемување од 0,6 отсто, додека електродистрибуција сè уште не се изјаснила. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, смирува дека цените ќе останат стабилни. Од МЕПСО додаваат дека системот е стабилен и дека се реализираат нови инвестиции за подобрување на преносната мрежа и енергетската сигурност …

На стартот од зимската сезона, зголемена потрошувачката на струја. Граѓаните стравуваат од ценовни шокови, Регулаторната комисија уверува нема да има позначајни поскапувања за преносот и дистрибуцијата на електричната енергија. МЕПСО веќе бара зголемување од 0,6 насто, електродистрибуција се нема изјаснето, но влијание врз цената може да има тендерската набавка што ќе ја направи универзалниот снабдувач. Конечната одлука ќе се донесе во текот на наредните денови.
„МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67 проценти за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија коишто имаат исклучително големо влијание врз цената на електричната енергија, така што кон крајот на овој месец или почетокот на следниот ќе ги знаеме цените што ги определува РКЕ, а тоа се пренос и дистрибуција на електричната енергија и тука не верувам дека ќе има било какви поместувања“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Зголемената потрошувачка нема да резултира со испади во системот, граѓаните да бидат спокојни, велат од МЕПСО, додавајќи дека континуирано се инвестира.
„Еден од нив е 110 киловолтниот далновод Прилеп – Битола, во тек е продолжувањето на договорот за реализација на интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија. Во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија којшто треба да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво со којшто би се довеле во нормални граници на приликите во нашата држава“, изјави Александар Пауноски од МЕПСО.
Од МЕПСО информираат и дека имаат аплицирано за грантови, преку механизмот за инвестирање во Западен Балкан, со цел надградба и инвестирање во преносната мрежа.
Марија Котовска
