Ѓорѓиевски: Затвореници и лица во куќен притвор земале плата од „Комунална хигиена“
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, откри дека на платниот список на „Комунална хигиена“ имало затвореници и лица во куќен притвор. Тој побара од Финансиската полиција да утврди и командна одговорност, а случајот ќе го пријави во Обвинителството. Ѓорѓиевски нагласи дека никој нема да биде заштитен, вклучително ни тој самиот …

Затвореници и луѓе кои биле во куќен притвор биле на платен список на „Комунална хигиена“, откри градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, откако претходно обвини дека имало низа злоупотреби во ова јавно претпријатие.
Ѓорѓиевски од Финансиската полиција барал да се утврди не само индивидуална, туку и командна одговорност, односно, покрај лицата кои земале плата без да работат, да одговараат и оние кои ги потпишувале исплатите, како и директорите што го одобрувале ваквото постапување во јавните претпријатија.
Ѓорѓиевски изјави дека во интерес на истрагата не може да открива детали, но рече дека цврсто стои зад сите информации што досега ги објавил во јавноста и ќе ги достави до Обвинителството.
Претходно, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика да ги пријави сите случаи на злоупотреби доколку располага со нив.
Ѓорѓиевски рече, нема намера да штити никого вклучувајќи се и себеси. Секој што направил одредени прекршувања, за тоа треба да одговара.
Ана Јосифоска
