САД

Трамп го потпиша законот за финансирање со што заврши најдолгата блокада на владата на САД

13.11.2025 09:49

По 43 дена застој, заврши најдолгата блокада на владата на САД. Стотици илјади федерални работници ќе ги добијат платите, се очекува нормализирање на јавните услуги и авиосообраќајот, а воедно се поништуваат федералните отпуштања иницирани од шефот на белата куќа. законот го решава финансирањето до 30 јануари 2026 година, рок до кога треба да се донесе редовен буџет...

Заврши најдолгата блокада на владата во историјата на САД. Претседателот Трамп, по 43-дневен прекин потпиша закон кој обезбедува повторно финансирање на државните институции до 30 јануари 2026 година. Договорот ја обновува помошта за храна за милиони семејства, илјадници работници ќе ги добијат платите, ќе се нормализира авиосообраќајот, а воедно се поништуваат федералните отпуштања иницирани од шефот на Белата куќа.

„Само сакам да ви кажам, земјата никогаш не била во подобра состојба. Поминавме низ оваа краткорочна катастрофа со демократите затоа што мислеа дека ќе биде добро политички, и сега е чест да го потпишеме овој неверојатен закон и повторно да ја вратиме нашата земја во функција“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Со недели, Републиканците на Трамп и опозициските демократи водеа жестока расправија околу буџетот. Претседателот на Претставничкиот дом, Џонсон изјави дека демократите го користеле американскиот народ како заложник во политичката игра.

„Ќе го насочиме нашето внимание кон здравствената заштита и сите други прашања. Ние сме подготвени да работиме со секој во оваа зграда кој сака да ги намали трошоците за здравствена заштита. Постои причина зошто демократите се во хаос во моментов. Постои причина зошто немаат идентификуван лидер на нивната партија. Тие немаат платформа, принцип што можат да го бранат. Тие немаат лидер, освен Мамдани, кој е новиот градоначалник на Њујорк и ја води партијата кон марксизам и социјализам“, истакна Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД.

Демократите претходно жестоко се спротивставија, сметајќи дека блокадата не успеала да донесе договор за продолжување на федералните субвенции за здравствено осигурување.

„Републиканците се обидоа да го укинат Законот за прифатлива здравствена заштита повеќе од 70 пати во последните 15 години. Нема докази дека се сериозни во врска со продолжувањето на даночните кредити за Законот за прифатлива здравствена заштита. Всушност, тие добија многу разумен предлог од лидерот Шумер, едногодишно продолжување на даночните кредити за Законот за прифатлива здравствена заштита и двопартиска комисија за решавање на проблемот со нефункционалниот систем за здравствена заштита. И тие го отфрлија затоа што републиканците немаат никаков интерес да ја решат кризата во здравствената заштита што ја создадоа“, изјави Хаким Џефрис, лидер на демократите во Претставничкиот дом на САД.

Сега, републиканците и демократите имаат само четири недели за седница пред крајот на годината – кога ќе истечат даночните кредити за здравствената реформа „Обамакер“. Трамп повика на ревидирање на законот, наместо продолжување на постојните субвенции.

Маријана Димовска