Летонија последна проверка за македонските фудбалери пред гостувањето во Кардиф
Селекторот Благоја Милевски вели дека нема да има калкулации, кога се игра за националниот тим секогаш се дава најдоброто.

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска игра пријателски натпревар против Летонија, во пресрет на завршницата од овој квалификациски циклус, гостувањето против Велс во Кардиф.
Селекторот Благоја Милевски вели дека нема да има калкулации, кога се игра за националниот тим секогаш се дава најдоброто.
„Нема потреба да калкулираме или да се штедиме, затоа што имаме доволно време за одмор пред натпреварот против Велс во Кардиф. Ќе се обидеме да испробаме некои поинакви опции, како на тактички план, а и да видиме физички во каква состојба се сите фудбалери. Летонија е квалитетна селекција, а победа секогаш е во нашите мисли. Секој натпревар е важен. На овој меч сакам да ја видам и пошироката слика на Македонија, мораме да размислуваме и за иднината. Акцентот секогаш го ставаме на тимот и така ќе биде и на овие натпревари“, изјави вчера селекторот Благоја Милевски.
Натпреварот ќе се игра на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 18 часот.
Фудбалската федерација на Македонија одлучи влезот да биде бесплатен.
Преносот од натпреварот може да го следите на МРТ1 со почеток од 17:45.
