На Гумење поставен витраж за Тоше Проески
Една иницијатива ја враќа вербата во почитувањето на вредностите и личностите. На спомен обележјето на Тоше Проески на Гумење, Крушево поставен е витраж, иницијатива на српски витражист од пред 14-тина години. Витражот е во спомен на големата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги сакаше и ги поддржуваше сите безрезервно...

Витраж со Тоше Проески и мотиви од неговата песна „Полско цвеќе“ се поставени на спомен обележјето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на Гумење во Крушево. Дар е на српскиот витражист, Драго Гањиќ.
Иницијативата од пред 14 години има симболика. Негова пријателка од Сомбор го сонувала Тоше токму на денот на неговото загинување, 16-ти октомври. Нешто слично му се случило и на витражистот, само што Тоше ја пеел песната „Полско цвеќе“. Решиле да направат витраж и до подигнувањето на спомен обележјето, се чувал во Спомен домот на Гумење. И изработката имала своја приказна.
„Првиот дел од изработката на витражот беше во рок од два-три месеци во 2012-та година, а вториот дел се работеше сега, два и пол месеци. Секој дел е од стакло и слика, работено во печка. Но, се случи нешто неверојатно, зачудувачки. Тоа е последниот дел од текстот што е поставен, а Тоше го отпеа во „Полско цвеќе“. Стаклото трипати пукнуваше. Дознав дека Тоше во основно училиште многу го сакал звукот на пукање и кршење на стаклото, па дури и со топка скршил прозорци. Го ставав стаклото по четврти пат, беше полноќ и помислив- Тоше, те молам, немој да се скрши и ова стакло. И, утрото го извадив цело тоа стакло“, вели витражистот Гањиќ.
Вљубеникот во Тоше и Македонија ќе продолжи да изработува витражи во чест на човекот кој безрезервно ги сакаше и ги поддржуваше сите.
„Во тек е еден проект кој, чичко Никола, таткото на Тоше, сакаше да се направи. А тоа е Богородица. Во подготовка е. Ќе видиме каде да се постави, можеби во манастирот над Крушево. Планираме на спомен-обележјето да изработиме една шара која ќе свети преку ноќ. Ќе размислиме и за другите витражи“, дополни Гањиќ.
За витражот на Тоше помогнале од Крушево, фирма од Прилеп и многу несебични луѓе.
Елизабета Митреска
