Кривична пријава за ексфункционери од Сарај и Град Скопје
Кривична пријава за Блерим Беџети и вработени во општина Сарај и Град Скопје. Се сомничат за злоупотреби со градежни документи. Правдата мора да биде наш импретив без разлика дали тој што сторил неправда е поранешен или сегашен функционер вели премиерот Мицкоски...

Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство-Скопје поднесе кривична пријава против осум лица, поранешни функционери и службеници во општина сарај и во град Скопје, како и надзорен инженер. Со пријавата се опфатени поранешниот градоначалник на сарај, двајца општински секретари, двајца раководители на секторот за урбанизам, еден помлад соработник, раководител на секторот за планирање и уредување на просторот во град Скопје и надзорниот инженер. Сите се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во општина сарај иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина“, стои во соопштението од Финансиска полиција.
Пријавените лица, со незаконските дејанија му овозможиле на правен субјект од селото Глумово, општина Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108 милиони денари или нешто повеќе од милион и 700 илјади евра.
Марина Стојанова - Тонева
