Кривична пријава против висок функционер на ДУИ и седум службеници во Општина Сарај
Кривична пријава за Блерим Беџети и вработени во општина Сарај и Град Скопје. Се сомничат за злоупотреби со градежни документи. Правдата мора да биде наш импретив без разлика дали тој што сторил неправда е поранешен или сегашен функционер вели премиерот Мицкоски...

Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство-Скопје поднесе кривична пријава против висок функционер на ДУИ, поранешен градоначалник на општина Сарај и актуелен пратеник, како и против седум службеници во општината меѓу кои и надзорен инспектор. Сите се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги. сомневањата се дека осомничените со лажна дозвола за градба извршиле урбанизација на неурбанизирана парцела во ДУП. Од ОЈО велат дека постапуваат по пријавите и веќе се вршат проверки.
„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во општина Сарај иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина“, стои во соопштението од Финансиска полиција.
Пријавените лица, со незаконските дејанија му овозможиле на правен субјект од селото Глумово, општина Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во износ од близу 109 милиони денари.
Премиерот Мицкоски со став дека сите кои се огрешиле пред закон ќе одговараат, без разлика од која политичка провениенција доаѓаат.
За поднесената кривична пријава се огласи и пратеникот Беџети, вели дека станува збор за фабрикувана пријава, политички конструирана со цел да отстапи од политичките ставови.
„Оваа влада, предводена од антиалбански и вазалски структури, тешко греши ако мисли дека може да го замолчи мојот глас и да ме заплаши. Сум поминал многу поголеми политички притисоци од овие. Не отстапив тогаш и нема да отстапам ниту денес. Нарачаните пријави не ме заплашуваат“, рече Беџити.
Премиерот Мицкоски јасно посочи дека нерегуларности во областа на урбанистичките планови се нотирани и кај в.д. градоначалникот на Гостивар Лимани, кој побарал да остане на функцијата до изборот на нов градоначалник.
„Не знам дали сподели со вас дека тој усвоил на Совет два детални урбанистички плана без да добие мислење на институциите, а тоа е кривично дело. Претпоставувам дека не споделил“, рече Мицкоски.
Марина Стојанова-Тонева
